Добра вест од ЕХФ: Македонските ракометарки се на два меча до пласман на СП 2027!

Европската ракометна федерација (ЕХФ) официјално го потврди квалификацискиот систем за пласман на СП за ракометарки во 2027 година кое ќе се одржи во Унгарија, а според одлуката, македонската женска репрезентација ќе се вклучи директно во завршната квалификациска фаза.

Македонија е меѓу 26-те селекции кои преку овој последен бараж ќе се борат за едно од 13-те достапни европски места на Мундијалот. Директен пласман веќе имаат обезбедено домаќинот Унгарија и актуелниот светски шампион Норвешка, додека уште едно гарантирано место ќе му припадне на новиот европски првак, односно селекцијата што ќе оствари најдобар пласман на ЕП 2026. Ждрепката за оваа завршна квалификациска рунда е закажана за 19 декември, за време на завршниот викенд од континенталниот собир, кога ќе бидат формирани 13-те бараж двојки.

Распоредот по шешири за декемвриската ждрепка директно ќе зависи од конечниот пласман на претстојното Европско првенство. Во вториот шешир ќе бидат сместени Португалија, четирите победници од првиот квалификациски бараж, како и осумте најслабо рангирани селекции на ЕП 2026. Ова значи дека доколку Македонија го заврши ЕП на позиција од 17-тото до 24-тото место, ќе биде дел од вториот шешир, додека пласман во Топ 16 гарантира место во привилигираниот прв шешир. Самите бараж натпревари кои ќе ги дадат патниците на Светското првенство ќе се одиграат во два термина, на 7/8 и 10/11 април следната година.

Целокупните квалификации се поделени во две фази, при што првата е резервирана исклучиво за осумте најслабо рангирани европски селекции и ќе се одигра во октомври оваа година. Во овие воведни пресметки ќе се соочат Естонија против Косово, Белгија против Литванија, Бугарија против Италија и Велика Британија против Луксембург. Победниците од овие четири двобои ќе им се приклучат на Португалија и на преостанатата група од 21 репрезентација која учествува на ЕП 2026. Во оваа елитна завршна фаза, покрај македонската селекција и споменатите екипи, ќе настапат и репрезентациите на Австрија, Хрватска, Чешка, Данска, Фарските Острови, Франција, Германија, Грција, Исланд, Црна Гора, Холандија, Полска, Романија, Србија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Турција и Украина.