Јунајтед ја продолжи агонијата на најславниот навивач - 750 дена не му дава да се потстрижи (ВИДЕО)

Манчестер Јунајтед викендов претрпе тежок пораз на домашен терен против Борнмут (0-3) во натпреварот од осмото коло на Премиер лигата, со што го продолжи очајниот низ на резултати.

Овој неуспех особено го разочара навивачот на „црвените ѓаволи“, Френк Илет, кој стана светски познат по својот необичен предизвик да не се потстрижува сè додека неговиот омилен клуб не оствари пет победи по ред. Тој повторно привлече големо внимание со својата реакција по натпреварот, откако неговиот предизвик трае повеќе од две години, односно точно 750 дена без да го посети својот фризер. Со оглед на тоа што екипата предводена од менаџерот Мајкл Карик нема победа на последните осум првенствени натпревари и се наоѓа на 16-тото место на табелата, јасно е дека овој навивач наскоро нема да ја промени својата фризура.

Илет најблиску до остварување на целта беше во февруари оваа година, кога тимот под водство на Карик нанижа четири победи против Манчестер Сити, Арсенал, Фулам и Тотнем. За крај на предизвикот му беше потребен само уште еден триумф против Вест Хем, а натпреварот кој го пренесуваше во живо на интернет го следеа речиси 300.000 гледачи. Сепак, мечот заврши без победник (1-1) , по што Илет мораше повторно да го започне броењето од нула.

Неговиот потфат во меѓувреме стана толку популарен што почнаа да го коментираат и самите фудбалери. Матеус Куња изјави дека повеќе го интересираат бодовите што ги освојува екипата отколку фризурата на Илет, додека поранешниот напаѓач на Јунајтед, Вејн Руни, го критикуваше преголемото внимание што го добива целата приказна. Ситуацијата го привлече вниманието дури и на Ерлинг Халанд, кој преку социјалните мрежи директно му се обрати на навивачот.

„Потстрижи се, човеку“, му порача Халанд.

Самиот Илет претходно објасни дека оваа идеја не е само обична забава на социјалните мрежи. Кога Јунајтед конечно ќе оствари пет победи по ред, тој планира да ја донира својата долга коса на организација која изработува перики за деца и млади кои останале без коса поради лекување од рак и други здравствени проблеми.