Oдложено дербито во Париз, ПСЖ ќе игра во ист термин со церемонијата на „Златната топка“!

Натпреварот од 8. коло на француската Лига 1 меѓу Пари Сен Жермен и Лион нема да се одигра в недела како што беше планирано. Француската фудбалска лига објави дека дуелот на „Паркот на принцовите“ е презакажан за понеделник, 26 октомври, со почеток во 20:30 часот.

Натпреварот е одложен поради зафатеноста на полицијата во Париз со големите протести, а новиот термин е одреден во договор со Лига и телевизијата која го пренесува натпреварот. 

За викендот низ Франција се најавени нови протести против зголемувањето на трошоците за живот. На навивачите на Лион претходно им беше забрането да патуваат во Париз, со цел да се намали бројот на полицајци потребни за обезбедување на стадионот и неговата околина.

Според пишувањата на француските медиуми, двата клуба сакале натпреварот да се одигра во недела, но на крајот биле принудени да ја прифатат одлука.

Новиот термин се поклопува со церемонијата за доделување на „Златната топка“, па ПСЖ би можел да настапи без дел од своите фудбалери номинирани за ова престижно признание.

Парискиот клуб се најде во слична ситуација и минатата година, кога натпреварот против Марсеј поради лошите временски услови беше презакажан за понеделник, а Усман Дембеле истата вечер ја освои „Златната топка“.

Лион моментално е прв на табелата во Лига 1, додека ПСЖ се наоѓа на второто место.