Силекс и Шкендија Арачиново го отвораат 11. коло од Првата лига
Силекс во пресрет на овој дуел доаѓа со самодоверба по победата од 3-0 на гостувањето кај Башкими, па кратовци ќе сакаат добрата игра да ја потврдат и пред своите навивачи пред кои немаат победа од август кога го совладаа Скопје. По десет одиграни кола, разликата меѓу двата тима е минимална: Шкендија Арачиново има 14 бода, а Силекс 13, па денешниот дуел може да има значително влијание врз нивниот пласман.
Првата пресметка меѓу овие екипи сезонава заврши без победник. Во второто коло, Шкендија Арачиново и Силекс ремизираа 1-1 во Чаир, а двата гола беа постигнати од пенал. Есмир Хасукиќ го спаси Силекс од пораз со израмнувачкиот погодок во 84. минута.
Сега улогите се менуваат – Силекс ќе ја има предноста на домашниот терен, но Шкендија Арачиново веќе покажа дека може да им создаде проблеми на своите противници.