МЗТ се држеше 15 минути, па потклекна во Германија – трет пораз во ФИБА Еврокупот (ФОТО)

Кошаркарите на МЗТ Скопје го претрпеа и третиот пораз во низа во ФИБА Еврокупот, откако вечерва загубија на гостувањето кај германскиот тим Вурцбург (73-87).

Аеродромци беа рамноправен противник само во првите 15-тина минути, во кои прикажаа добра игра и во повеќе наврати беа во водство и тоа со највисоки плус пет (21-16). Домаќинот со девет поени по ред кон средината на вториот период го направи последниот резултатски пресврт (37-30), по што ја контролираше играта и постојано го зголемуваше водството. Скопјани колку-толку се држеа до пред крајот на третите десет минути, не дозволувајќи им на Германците да дојдат до двоцифрено водство.

Заморот, сепак, дојде до израз во финишот од овој дел од средбата, што Вурцбург го искористи на максимален начин и со серија 14-1 дојдоа до највисоко дотогаш плус 17 (75-58) како потврда дека бодовите ќе останат во Германија. Сино-белите играа лошо во нападот во последната четвртина во која првиот кош го постигнаа дури во петтата минута, поради што и не можеа сериозно да го загрозат високото водство на противникот.

Ноа Фарахан со 14 поени и четири скока беше најпрецизен кај МЗТ, но со лош шут од далечина, особено за тројка (2/8). Андреј Маслинко додаде 12 поени со седум скока, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Тадија Тадиќ со 10 поени, 3 скока и 5 асистенции и Димитрије Николиќ со 10 поени, осум скока и четири асистенции.

Македонскиот тим по три кола е последен без ниту една победа, а веќе во вторник го чека следниот европски предизвик и тоа на домашен терен против кипарски АЕК Ларнака.