ФФМ со позитивна оценка за судењето во Првата и Втората лига (ВИДЕО)

Судискиот одбор при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) изрази позитивна оценка за судењето во натпреварите од Првата и Втората македонска фудбалска лига, со посебен акцент на донесените одлуки и примената на ВАР-протоколот.

По извршените анализи, од Судискиот одбор посочуваат дека судиите во најголем дел успешно ги применувале Правилата на фудбалската игра, а видео-технологијата била користена во согласност со предвидениот протокол.

„На натпреварот меѓу екипите на Шкендија Арачиново и Струга Трим Лум, во 24. минута, по првично непрепознаен прекршок врз напаѓачот на гостинската екипа, ВАР судиите правилно интервенираа и предложија преглед на снимката на теренот (OFR). По извршениот преглед, главниот судија правилно ја промени својата одлука, досудувајќи казнен удар и покажувајќи директен црвен картон за одбранбениот играч поради спречување очигледна можност за постигнување гол (DOGSO). Оваа ситуација претставува пример за оправдана ВАР интервенција, со целосно почитување на протоколот и правилна примена на критериумите од Правилата на фудбалската игра. Црвениот картон на одбранбениот играч, исто така е правилно покажан.

На натпреварот меѓу Башкими и Силекс, во 81. минута, по ВАР-проверка, правилно беше поништен погодокот на домашната екипа поради офсајд-позицијата на играчот со број 80 во акцијата што му претходеше на голот. Играчот, од недозволена позиција, се вклучил во акцијата од која подоцна бил постигнат голот. И оваа, ни малку едноставна ситуација за процена, ја потврдува важноста на технологијата во донесувањето точни конечни судиски одлуки.

На натпреварот Арсими – Тиквеш, во 23. минута исправно беше поништен погодокот на домашната екипа поради офсајд-позиција. Во 74. минута, судиите на теренот донесоа исправна одлука, бидејќи немаше игра со рака од страна на одбранбениот играч на гостинската екипа во сопствениот казнен простор“, се вели во соопштението.

Целосното соопштение со деталната анализа и снимките на ФФМ може да го прочитате ТУКА.