Нов удар врз Инфантино: УЕФА ѝ даде рок на ФИФА до 2 ноември!

Европската фудбалска унија (УЕФА) ѝ постави рок на Светската фудбалска федерација (ФИФА) до 2 ноември да ги достави важните документи и да одговори на прашањата поврзани со управувањето и процесот на носење одлуки во организацијата.

Генералниот секретар на УЕФА, Теодос Теодоридис, испратил писмо до ФИФА и навел дека сè уште не се разјаснети повеќе прашања, а исто така не биле доставени документите кои претходни ги побара Европската фудбалска унија.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино на состанокот минатиот четврток се извини поради предлогот за отстапување на дел од правата на Светското првенство на приватни инвеститори, но тоа не ја смири УЕФА.

УЕФА реши да изврши дополнителен притисок врз ФИФА и затоа ѝ постави рок до 2 ноември, но засега не е познато кои се следните чекори доколку Светската фудбалска федерација не ги достави документите.