Мареска потврди: Сити осум недели без важен фудбалер, неизвесен за ЛШ е и Халанд

Манчестер Сити се соочува со проблеми со повредите пред дуелот со АЕК во Лигата на шампионите. Антоан Семењо го очекува подолга пауза, додека настапот на Ерлинг Халанд сè уште е неизвесен.

Победата над Ипсвич скапо го чинеше Манчестер Сити. Тренерот Енцо Мареска на прес-конференцијата пред натпреварот од третото коло во Лигата на шампионите против АЕК ги откри најновите информации за состојбата на двајцата важни фудбалери.

Семењо, според најавите на италијанскиот стратег, би можел да отсуствува од терените околу осум недели. Од друга страна, сè уште нема конечна одлука за Ерлинг Халанд, кој се надева дека ќе биде подготвен за претстојниот натпревар.

„Семењо би можел да отсуствува осум недели. Сепак, ситуацијата не е толку лоша како што очекувавме. Што се однесува до Халанд, ќе видиме. Можно е да заигра. Имавме одредени сомнежи по натпреварот, но вчера беше добро, се чувствуваше подобро“, изјави Мареска.

На дуелот против Ипсвич, тренерот на Сити го одмори Рајан Шерки, додека Семењо и Гвардиол влегоа во игра од клупата. Халанд, пак, ги одигра сите 90 минути. Поради тоа, останува отворено прашањето дали Мареска ќе направи промени во составот за европскиот предизвик против АЕК.

Сепак, тренерот јасно стави до знаење дека неговиот тим мора да се врати на победничкиот пат.

„Ова е голем натпревар за нас. Станува збор за Лигата на шампионите. Го загубивме последниот натпревар, мораме да победуваме и ќе се обидеме да го направиме тоа со најдобриот можен состав во тој момент“, порача Мареска.

Натпреварот меѓу Манчестер Сити и АЕК ќе се одигра на стадионот „Етихад“, утре со почеток од 21 часот.