Во Реал се бесни: Судијата кој не виде крв и пенал врз Мбапе ќе „свири“ на Ел Класико!
Иако досега нема судено ниту еден натпревар помеѓу Барселона и Реал Мадрид, неговото назначување веќе предизвика бурни реакции и големо незадоволство кај навивачите на мадридскиот клуб. Причината за револтот кај фановите на „кралевите“ датира од април оваа година, за време на натпреварот против Жирона (1-1). На две минути пред крајот на средбата, напаѓачот Килијан Мбапе доби силен удар со лакт во казнениот простор, по што му беше скршена аркадата и неговото лице беше облиено во крв. И покрај очигледниот инцидент, арбитерот не досуди удар од единаесет метри, а изостана и каква било реакција или интервенција од ВАР собата.
Покрај контроверзната одлука на тој натпревар, името на Рохас беше споменувано и во познатиот случај „Негреира“. Според истрагата, тој се наоѓа меѓу судиите кои го ангажирале синот на поранешниот потпретседател на Техничкиот комитет на судиите (ЦТА) за „коучинг услуги“ и психолошка подготовка. Самиот судија категорично негираше каква било поврзаност со корупциските обвиненија против семејството Негреира, објаснувајќи пред надлежните дека ги користел услугите на синот исклучиво во својство на професионален спортски психолог.