Трпеливо и мајсторски: ШК Алкалоид со нова максимална победа на ЕКК 2026

Македонскиот шаховски шампион ШК Алкалоид забележа убедлива победа против најдобриот исландски претставник Бреидаблик (6-0) во второто коло од Европскиот клупски куп кој се одржува во Црна Гора.

За разлика од нив, вториот македонски претставник на овој турнир, ШК Мулти Есенс, претрпе пораз од во дуелот со германскиот тим Шахфројнде од Берлин (1,5-4,5). ШК Алкалоид целосно ја оправда фаворитската улога против 30-рангираниот тим на турнирот, остварувајќи максимален учинок на сите шест табли. Со овие нови бодови, фармацевтите се приклучија на ексклузивното друштво од 25 екипи кои имаат максимални четири бода по првите две кола. Досегашниот тек на турнирот се одликува со исклучителна острина и бескомпромисна борба, за што сведочи податокот дека во првите две кола се забележани само вкупно пет нерешени средби. Капитенот на ШК Алкалоид, ВМ Влатко Богдановски, го истакна квалитетот на противникот и трпеливата игра на своите шахисти.

„Бевме сведоци на сериозна борба на сите шест табли! Противникот беше типичен претставник на екипите од првата третина на табелата, кои можат рамноправно да се носат со посилни противници. По два часа игра, играчите на првите две табли почнаа да го кршат отпорот – Еригаиси создаде хаотична позиција од која го надигра противникот, додека, пак, Веи уште еднаш импресионираше во остра сицилијанка, демонстрирајќи врвна домашна подготовка. Ништо помалку спектакуларни не беа и другите – Аравинд играше шест часа во реми-позиција и на крај победи, по што следуваше и триумфот на Пураник над исландскиот ФИДЕ-мајстор. На последните две табли Ивиќ одигра екстра квалитетна партија, а ВМ Звонко Станојоски одработи трпеливо и мајсторски, со што го задржавме стопроцентниот учинок“, изјави Богдановски.

Во вториот меч со македонски претставници, ШК Мулти Есенс, кој беше 43-ти на стартната ранг-листа, не успеа да го изненади 15-рангираниот Шахфројнде од Берлин. И покрај поразот, во македонскиот табор вредни за одбележување се ремито на ИМ Емил Ристевски на првата табла и големата победа на Стојан Велкоски над ИМ Лаубер, противник кој има повеќе од 300 рејтинг-поени повисок ранг. Капитенот ВМ Трајко Недев причините за поразот ги лоцираше во проблемите со времето во клучните моменти.

„И покрај конечниот резултат за германскиот клуб, можам да кажам дека мечот беше исклучително борбен и неизвесен. Имавме рамноправни и добро изградени позиции, но, за жал, речиси на сите табли играчите имаа проблем со времето, па противниците успеаја да ги искористат и да ги казнат грешките кои следуваа во цајтнот. Сепак, честитки за ИМ Емил Ристевски за ремито на првата табла, како и за Стојан Велкоски за победата над ИМ Лаубер“, појасни Недев.

Во следното, трето коло, ждрепката одреди македонскиот шампион ШК Алкалоид да се соочи токму со Шахфројнде од Берлин во директна битка за врвот, додека ШК Мулти Есенс ќе игра против вториот исландски претставник, Викинг Чес Клуб.