Хаос во Торино по дебаклот од Лацио: Бремер ги обвини соиграчите, Спалети му одговори

Јувентус не ја започна сезоната според очекувањата, а кулминација беше убедливиот пораз од Лацио со 0-3 во Торино, по кој еден од најдобрите поединци во тимот, Желсон Бремер, упати сериозни критики кон останатите соиграчи.

Бремер во својата изјава истакна дека тимот игра лошо, но и дека нема многу време да се подобрат работите.

„Игравме лошо и сосема е природно што не сме задоволни од начинот на кој го носевме дресот на Јувентус. Мораме да ги анализираме нашите грешки и веднаш да се вратиме на вистинскиот пат, бидејќи немаме време за ништо друго“, истакна дефанзивецот, а потоа упати сериозни критики кон соиграчите.

„На теренот има 11 играчи, плус уште петмина кои влегуваат од клупата. Не можам да ги носам сите на грб. Се трудам да им подадам рака, разговарам со нив, но секој има свој карактер. Можеме да ги туркаме до одредена граница, но некои имаат повеќе карактер од другите.“

Но, оваа негова изјава не му се допадна на тренерот Лучано Спалети кој порача дека во ваква ситуација нема никој право да обвинува некого.

„Анализата секогаш мора да започне од сопствените грешки, а најлесно е вината да се префрли на друг. Го ценам тоа што Бремер ја презема улогата на лидер, но на натпревар на кој бевме целосно надиграни, никој не одигра така што би имал право да вперува прст во останатите членови на тимот“, изјави Спалети.