Несторовски без влакна на јазикот: Хрватскиот фудбал стагнира - лигата пропаѓа!
Овие забелешки доаѓаат од одличен познавач на фудбалските прилики во оваа земја, со оглед на тоа што пред десетина години со голем успех го носеше дресот на Интер од Запрешиќ. Во интервју за „Спорт Клуб“, искусниот голгетер направи паралела помеѓу неговиот прв престој во Хрватска и актуелната ситуација, посочувајќи дека стадионите се останати во иста состојба, додека единственото минимално подобрување може да се забележи само кај тревните подлоги.
„Околу инфраструктурата како времето да е застанато тука во Хрватска. Нема промени на речиси ниту еден терен, можеби сега тревната подлога е подобра од пред десет години. Стадионите се исти, инфраструктурата е иста. Дури мислам и дека моментално паднат е квалитетот во лигата. Тоа е мое мислење“, изјави Несторовски за „Спорт Клуб“.
Хрватска со децении важи за една од најуспешните фудбалски нации на овие простори, што беше крунисано со титулата светски вицешампион во 2018 година и освојувањето на третото место четири години подоцна. Сепак, опсервациите на македонскиот фудбалер јасно укажуваат на диспропорцијата во тамошниот фудбал, каде што историските резултати на националната репрезентација не секогаш се проследени со соодветен инфраструктурен и квалитативен развој на домашната лига.