Давидович Фокина испиша историја - направи нешто што не му успеа ни на Надал

Шпанскиот тенисер Алехандро Давидович Фокина го освои Mастерсот во Шангај, откако во финалето го совлада сонародникот Рафаел Ходар со 1-6, 7-6 и 6-4. Со овој триумф, Давидович стигна до првата Мастерс титула во кариерата, во финале кое донесе голем пресврт и многу возбудувања.

Ходар одлично го започна мечот и го освои првиот сет со убедливи 6-1. Младиот Шпанец делуваше сигурно и го контролираше ритамот, додека Давидович тешко наоѓаше одговор на неговата игра.

Сепак, поискусниот тенисер не се предаде. Во вториот сет успеа да ја подигне својата игра, да го намали бројот на грешки и да го одведе сетот во тај-брејк. Таму Давидович беше посмирен и славеше со 7-5, израмнувајќи го резултатот и враќајќи ја неизвесноста во финалето. Во решавачкиот сет се водеше голема борба за секој поен, но Давидович успеа да го искористи своето искуство и да го скрши отпорот на противникот. Со 6-4 го затвори мечот и го крена најголемиот трофеј во досегашната кариера.

За Давидович Фокина, ова е прва титула на турнирите од серијата Мастерс 1000, успех со кој го потврди својот квалитет и истрајноста во еден од најважните моменти во кариерата. Тој е прв Шпанец со трофеј на Мастерсот во Шангај и тоа во неговото 15. издание. Интересно е тоа што ваков подвиг не му успеал ни на најдобриот шпански тенисер Рафаел Надал кој двапати играше во финалето, но еднаш загуби од Давиденко, а еднаш одн Федерер. До мечот за титулата стигнуваа и Ферер и Баутиста Агут, но ниеден од нив не го крена пехарот, исто како и Ходар денеска.