Судијата се извинил за „мајмун неписмен“, но арачиновци сѐ уште бараат - брутална казна!
Арачиновци го потврдија контактот на двете страни и изразија почит кон овој потег на арбитарот, но истовремено порачаа дека извинувањето не ја исклучува потребата од санкции за инцидент кој има јасна расистичка конотација. По првичните обвинувања дека Илиоски го нарекол Демири „мајмун неписмен“, судијата одлучил да го направи првиот чекор. Од таборот на Шкендија Арачиново истакнуваат дека го поздравуваат ваквиот потег како човечки чин, но остануваат цврсто на ставот дека Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) мора официјално да го процесуира случајот преку Дисциплинската комисија.
„Го цениме овој гест и подготвеноста на судијата да ја признае грешката и да се извини. Веруваме дека признавањето на грешката е важен чекор кон преиспитување на сопствените постапки и преземање лична одговорност“, наведуваат од клубот.
И покрај прифатеното извинување, ставот на клубот е дека дисциплинските органи при ФФМ мораат да изречат соодветна казна, бидејќи дискриминацијата е неприфатлива во спортот, особено кога доаѓа од официјалните лица задолжени за делење правда на теренот. Тие потенцираат дека не бараат одмазда, туку преземање одговорност заради заштита на достоинството на секој фудбалер.
„Расизмот и дискриминацијата немаат место во фудбалот, особено кога доаѓаат од лица чија должност е да гарантираат правичност и непристрасност на теренот. Затоа, и покрај извинувањето, бараме надлежните фудбалски органи да преземат дисциплински мерки. Не бараме одмазда, туку одговорност. Не бараме привилегии, туку почит и еднаков третман за секој фудбалер. Ова не е само инцидент кон нашиот капитен, туку принципиелно прашање за достоинството на секој спортист. Фудбалот е игра што обединува, а не разделува“, децидни се од Шкендија Арачиново.