Втора лига: Охрид го освои Ѓорче Петров, Работнички го декласираше Шкупи!

Фудбалерите на Охрид експресно им се вратија на победничките патеки во Втората лига, откако по ремито со Брера во претходното коло, денеска на гостувањето славеа против ланскиот прволигаш Македонија ЃП (2-0).

Екипата на Работнички, пак, оствари најубедлив триумф во денешната програма, декласирајќи го тимот на Шкупи (4-0) во некогашното големо прволигашко дерби. На лидерот Охрид му беа потребни 45 минути за да го скрши отпорот на цврстиот домаќин. Гостите стигнаа до посакуваното водство во самиот финиш од првото полувреме, додека конечниот печат на победата го ставија во 80. минута по една одлично изработена тимска акција. Со овој триумф, охриѓани ја потврдија својата лидерска позиција и сериозните амбиции во тековната сезона.

Голеадата на дебармаалци ја најави Серафимовски со погодок во 15. минута од средбата, по што следуваше гол на Стефановски за зголемување на предноста. На 3-0 зголеми Кудијан, додека конечнииот резултат беше поставен веќе во 50. минута со вториот погодок на Стефановски на овој натпревар.

Од останатите натпревари во попладневната програма, екипата на Тетекс пред својата публика во Тетово извојува важна победа над Детонит Плачковица (2-0), а стрелци на головите беа Али и Јамини. Дуелот помеѓу Еуромилк и Новаци (0-0) заврши без победник, додека денешната фудбалска програма ќе биде комплетирана со натпреварот во Битола, каде силите ќе ги одмерат екипите на Пелистер и Осогово.