Габриел го шокирал Јунајтед: На 16 години побарал милион фунти и загарантирана минутажа!
Младиот фудбалер сака да го напушти „Олд Трафорд“, а причината се несекојдневните барања што неговите застапници ги поставиле пред раководството на клубот. Според пишувањата на британските медиуми, тимот на Габриел го условил продолжувањето на соработката со низа барања што ги изненадиле челниците на Манчестер Јунајтед.
Талентираниот фудбалер бара дрес со бројот 77 и натписот „Габриел ЈР“, да тренира исклучиво со првиот тим, но и да има загарантирана минутажа на три однапред одредени натпревари.
Како што пренесува „ЕСПН“, неговите застапници инсистираат тој да добие најмалку 20 минути на дуелите против Сабах, Брајтон и Борнмут. Сепак, списокот со барања не завршува тука. Според информациите на британски „Тајмс“, претставниците на младиот фудбалер побарале и седумцифрена годишна плата, односно најмалку еден милион фунти по сезона.
Станува збор за огромна сума за фудбалер кој сè уште нема одиграно ниту една минута на официјален натпревар за првиот тим на Манчестер Јунајтед.
На „Олд Трафорд“ биле подготвени да исполнат дел од барањата. На Габриел му бил доделен бројот 77, а клубот дури побарал и посебно одобрение на неговиот дрес да стои посакуваниот натпис.
Сепак, кога станува збор за загарантираната минутажа и начинот на кој треба да се развива, челниците на Јунајтед не сакале да се согласат со поставените услови.
Односите меѓу двете страни во меѓувреме толку се влошиле што тимот на Габриел побарал раскинување на неговата регистрација во клубот. Јунајтед го одбил барањето и му понудил нов договор, но сè поизвесно е дека еден од најголемите таленти на англискиот фудбал би можел да го напушти „Олд Трафорд“.