Швајцарците „измислија“ нова санкција за лажливецот Џака – условна парична казна!
Обвинителството му изрече 50 дневни парични казни во износ од по 3.000 франци, но казната нема да мора да ја плати доколку во следните две години не стори ново кривично дело. Искусниот играч од средниот ред, кој веќе ги подмири сите судски трошоци, ја прифати пресудата и се откажа од понатамошна правна постапка, со што случајот од правна страна е официјално затворен.
Веста за пресудата ја објави самиот Џака преку своите профили на социјалните мрежи, потврдувајќи го признанието кое овозможи релативно брзо завршување на постапката. Скандалот изби откако швајцарскиот весник „Блик“ објави дека се води истрага за тоа дали тој незаконски прибавил документ за вакцинација. Џака призна дека во текот на 2022 година, додека настапуваше за лондонски Арсенал, набавил лажна потврда, правдајќи ја својата постапка со страв, несигурност и голема недоверба кон вакцината. Тој јавно се извини за сериозната грешка и целосно соработуваше со истражните органи.
„Пред неколку недели реков дека преземам одговорност за својата одлука. Останувам на тој став“, порача Џака по изрекувањето на пресудата.
Овој скандал се одрази и на неговиот репрезентативен статус. Тој ги пропушти последните четири натпревари од Лигата на нации за да се избегне дополнителен притисок врз екипата. Швајцарија и без него продолжи да бележи добри резултати, меѓу кои се и двете победи против Македонија – во Скопје и во Луцерн.