Инфантино доби противник во трката за претседателското столче во ФИФА (ФОТО)

Борбата за претседателската функција во Светската фудбалска федерација (ФИФА) се засилува, откако поранешниот швајцарски репрезентативец и фудбалер на Тотнем, Рамон Вега официјално потврди дека ќе се кандидира за претседател на изборите закажани за март 2027 година.

Вега е првиот официјален противкандидат на актуелниот претседател Џани Инфантино, кој претходно ја најави својата кандидатура за нов мандат.

Поранешниот фудбалер на Тотнем и Селтик во својата кандидатура најавува промени во начинот на функционирање на ФИФА и посочи дека сака да го обедини светскиот фудбал.

„Се кандидирам за повторно да го обединам фудбалското семејство, да направам вистински реформи, да ја модернизирам ФИФА, да ја вратам стабилноста и кредибилитетот на ФИФА“, кажа Вега.

Инфантино во изминатиот период се соочува со голем притисок и многумина му го „свртеа грбот“, откако се појави информација дека била планирана продажба на удел на Светското првенство на приватни инвеститори.