Седлоски: Игравме перфектно сѐ додека не го примивме првиот гол!

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Гоце Седлоски, не го криеше разочарувањето по поразот од Швајцарија, но воедно истакна дека е задоволен од она што неговите фудбалери го покажале во најголемиот дел од натпреварот.

Македонија одигра одлично прво полувреме, создаде свои прилики, но не успеа да постигне гол. Седлоски смета дека токму реализацијата е најголемиот проблем, особено против селекција од калибарот на Швајцарија, која знае да го казни секој пропуст.

„Одигравме перфектно прво полувреме, сѐ до голот што го примивме. Во второто полувреме имавме индивидуални грешки, но Швајцарија е селекција што не простува. Во првиот дел двете шанси моравме да ги искористиме. За разлика од нас, видовте како домашниот тим знае да ја искористи и најмалата шанса и секој наш пропуст“, изјави Седлоски.

Селекторот потенцираше дека Македонија во овој циклус покажала дека може да игра против квалитетни противници, но проблем останува фактот што голем дел од репрезентативците немаат доволно минутажа во своите клубови.

„Покажавме во првото полувреме дека може да играме. Проблем е неиграњето во клубовите, но јас сум задоволен од играчите.“

Седлоски повторно ја нагласи реализацијата како клучен сегмент, особено по четирите натпревари во кои, како што вели, ги испробал сите напаѓачки комбинации.

„Пак ќе повторам, во вакви натпревари кога ќе ти се укаже шанса, мора да се даде гол. На четири меча ги пробав сите шпицови, сите комбинации. Имавме две добри полувремиња, тоа со Словенија и вечерашното, но голот не дојде.“

И покрај лошата серија, Седлоски не сака да се откаже и порача дека верува во тимот и во иднината на репрезентацијата.

„Јас сум борец, таков бев и како играч, не се откажувам. Тажни сме сите поради оваа лоша серија, но оптимисти сме за иднината.“

Според Седлоски, натпреварот можел да има сосема поинаков тек доколку Македонија прва ја искористела својата шанса.

„Поинаку ќе беше второто полувреме ако не примивме гол. Што да направиме? Секој играч треба да ја искористи шансата. Денеска игравме најофанзивно досега. Но, тоа е фудбалот, се случуваат и грешки, затоа и примивме голови. Со напорна работа ќе си дојде и резултатот и головите.“

Гоце Седлоски веќе размислува и за следниот репрезентативен циклус. Тој откри дека по четирите натпревари има јасна слика за играчите со кои располага и за тоа како треба да изгледа тимот во ноември.

„Видов сѐ што пробав во овој циклус, за натпреварите во ноември имам тотална слика што понатаму. На вакви четири меча да пуштев само еден тим, да не комбинирам, немаше фудбалерите да издржат, со оглед колку не играат во своите клубови.“

Македонија така го завршува овој циклус со многу прашалници, но селекторот Седлоски смета дека досегашните резултати не се реална слика за квалитетот на оваа репрезентација.