Нов блесок на Македонката: Рељиќ освои бронза на силен Г1 турнир во Тирана!

Македонската олимписка таеквондистка, Милијана Рељиќ, продолжува со одличните резултати на меѓународната спортска сцена, освојувајќи го бронзениот медал на силниот турнир „Албанија Г1 Опен“, кој се одржа во Тирана.

Со овој забележителен настап, нашата репрезентативка потврди дека се наоѓа во одлична натпреварувачка форма, обезбедувајќи нови важни бодови за одржување на својот висок статус во светскиот таеквондо врв. Патот до подиумот во албанската престолнина донесе сериозни предизвици. Македонката победнички поход го почна во второто коло, каде што со 2-1 во рунди ја совлада канадската натпреварувачка Леонарда Андриќ. Вистинска драма се одвиваше во следната фаза, каде што македонската хероина водеше исклучително тесна борба против Елена Лена Торес од Шпанија. Рељиќ покажа огромна ментална и физичка сила, славејќи со 2-1, при што одлучувачката трета рунда ја доби со минимални 10-9 во поени.

Во полуфиналната пресметка, македонската претставничка беше сопрена од Хатиџе Пинар Јигиталп од Турција. Турчинката славеше во двете рунди, кои завршија со идентичен резултат (4-2) во нејзина корист. И покрај поразот во полуфиналето, освоената бронза ѝ носи на Рељиќ нови 3,60 поени за светската и олимписката ранг-листа, со што се очекува таа и понатаму стабилно да котира меѓу десетте најдобри таеквондистки во светот.