Тениска магија: Ноле го освои поенот на годината во Пекинг (ВИДЕО)

Српскиот тенисер, Новак Ѓоковиќ, уште еднаш ја воодушеви светската спортска јавност, откако освои спектакуларен поен против германскиот ас Александар Зверев во четвртфиналната пресметка на турнирот во Пекинг.

Овој несекојдневен тениски потег, кој се одигра во само неколку секунди, предизвика вистинска ерупција од воодушевување кај публиката на трибините, но истовремено измами и искрени насмевки кај двајцата тенисери на теренот. Ситуацијата се чинеше целосно загубена за Ѓоковиќ во текот на оваа размена. Германскиот тенисер практично веќе го имаше освоено поенот и му преостануваше само со рутински смеч на мрежата да ја заврши акцијата.

 

 

Популарниот Ноле, сепак, маестрално ја прочита неговата намера, па од речиси невозможна дефанзивна позиција успеа да ја врати топката во противничкото поле, освојувајќи го поенот кој брзо стана хит во спортскиот свет. Овој неверојатен потег предизвика бурна реакција и кај телевизискиот коментатор, кој во директниот пренос не можеше да го сокрие своето воодушевување од мајсторијата на Ѓоковиќ.

„Ова е поен на годината!“ – извика коментаторот.