Тотален циркус во Ф1: Стартот вторпат одложен бидејќи два болида останаа без струја!
Претходно стартот беше одложен поради силниот дожд и големото количество вода на патеката, а кога условите конечно дозволија болидите да излезат на формацискиот круг, следуваше нов проблем.
Пол-позицијата ја имаше Макс Верстапен, но возачот на Ред Бул при формацискиот круг пријави дека не може да забрзува. Набргу потоа проблеми се појавија и кај Луис Хамилтон. Британецот од Ферари пријави дека притиска на педалата за гас, но болидот не реагира, по што мораше да застане на патеката. Ситуацијата дополнително се закомплицира бидејќи и останатите возачи мораа да успоруваат за да не ги претекнат болидите кои имаа проблеми. Стартната процедура беше суспендирана, а возачите се вратија во боксот.
Кај Хамилтон, првичните информации укажуваат на софтверски проблем во болидот на Ферари. Целата ситуација беше уште понеобична поради тоа што станува збор за прва трка на новата генерација болиди во влажни услови, со регулативи според кои погонската единица е поделена приближно 50-50 меѓу моторот со внатрешно согорување и електричниот погон.
На крајот, ФИА одлучи стартниот редослед да биде вратен на оригиналниот грид, наместо да се применува процедурата според која возачите би стартувале според редоследот на нивното влегување во пит-линијата. Така, наместо борба за позиции уште од првиот свиок, Формула 1 доби сцена каква што ретко се гледа – болиди кои не можат да забрзаат, возачи кои застануваат на патеката и стартна процедура која мораше да биде прекината.