Ракометно мега-дерби во „Јане Сандански“: Охрид го предизвикува шампионот
Средбата во СЦ „Јане Сандански“ започнува во 18:30 часот, а интересот за дербито е голем. Вардар пред својата публика ќе се обиде да продолжи со победничкиот ритам и да освои нови бодови во домашното првенство, додека Охрид во Скопје пристигнува со сериозни амбиции и желба да приреди изненадување.
Охриѓани сезонава сè уште немаат пораз во Суперлигата, иако на своето конто имаат и реми против Еурофарм Пелистер. Токму затоа гостувањето во Скопје претставува нов голем тест за составот од Охрид, кој сака да покаже дека може да се носи со најдобрите македонски екипи. За Вардар, пак, ова ќе биде уште една можност да ја потврди добрата форма и да го искористи домашниот терен. „Црвено-црните“ зад себе имаат и настапи во Лигата на шампионите, па натпреварот со Охрид доаѓа во период со густ распоред и серија силни предизвици.
Интересно е што ова ќе биде четврта пресметка на овие два тима во нешто повеќе од еден месец, ако се сметаат и натпреварите од претсезонските турнири. Охрид славеше на финалните дуели на турнирите во Струга и Охрид, додека Вардар беше подобар во Суперкупот.
Кога станува збор за официјалните дуели, историјата е убедливо на страната на Вардар. Од 2016 година наваму, со вклучен Суперкуп, двата тима одиграле 30 официјални натпревари, а Вардар има 29 победи. Сепак, традицијата нема да значи многу кога ќе започне вечерашната пресметка, особено со оглед на амбициите и добриот старт на Охрид оваа сезона.
Дополнителен мотив за двата тима ќе биде и атмосферата во „Јане Сандански“. Се очекува трибините да бидат исполнети, а македонската ракометна јавност вечерва да добие уште еден натпревар кој го заслужува епитетот дерби.