Партизан направи чудо за перфектни “три од три“ во Евролигата
Белградскиот тим во завршницата покажа карактер и успеа целосно да го сврти натпреварот. Клучната улога ја имаше Карлик Џонс, кој се разбуди во моментите кога на Партизан му беше најпотребно.
Џонс го заврши мечот со 16 поени и пет асистенции, а неговата најголема вредност се почувствува во финишот. Партизан во последната четвртина влезе со осум поени негатива, но постепено ја топеше предноста на домаќинот и дојде до неизвесна завршница. На 9,4 секунди до крајот, Џонс избори две слободни фрлања и погоди едно за предност на Партизан. Баерн потоа го имаше последниот напад, но Двејн Вашингтон не успеа да погоди за победа.
Вашингтон беше најефикасен кај Баерн со 20 поени, но токму неговиот промашен последен шут му овозможи на Партизан да слави голема победа во Минхен.
Кај победничкиот тим, најдобар стрелец беше Тонје Џекири со 17 поени и пет скока, додека покрај Џонс, важен придонес дадоа и останатите играчи во драматичната завршница. Кај Баерн, Јоханес Тиман постигна 17 поени. Партизан дополнително се соочи со проблеми во текот на натпреварот, откако Ламар Стивенс се повреди при обид за забивање. Црно-белите веќе настапуваа без неколку важни играчи, но тоа не ги спречи да стигнат до нова победа.
По три кола Партизан има максимален учинок од 3-0, откако претходно славеше против Олимпија Милано и Париз. Тоа е најдобар старт на сезоната во Евролигата во историјата на белградскиот клуб.
РЕЗУЛТАТИ
Бешикташ – Барселона 82-95
Фенербахче – Дубаи 76-66
Баерн – Партизан 84-86
Асвел – Валенсија 92-105
Панатинаикос – Макаби 90-67
Басконија – Олимпија Милано 87-76