Tрапановски: Кога сме храбри и фокусирани - може да се надигруваме со секого!

Пред утрешниот натпревар помеѓу Македонија и Шкотска за „е-магазинот“ на ФФМ зборуваше и Кристијан Трапановски кој е без клуб во овој момент, но мина две сезони во шкотскиот фудбал во дресот на Данди Јунајтед. 

Трапановски вкупно има 44 настапи за сите национални селекции на Македонија (17, 19, 21 година, а репрезентација). 

„Очекувам силен и квалитетен натпревар против сериозна репрезентација како Шкотска. Станува збор за тим со јасен систем, физичка цврстина и континуитет, но верувам дека и ние имаме доволно квалитет и карактер за да се носиме со ваков противник. Двете селекции ќе бараат резултатот и затоа ќе одлучуваат мали детали.“

Според Трапановски шансите за победа се изедначени.

„Имаме играчи кои во транзиција и во офанзивните моменти можат да ја направат разликата. Клучно ќе биде да се игра со самодоверба и верба во сопствените можности. Кога сме храбри и фокусирани, знаеме да изгледаме многу моќно и да се надигруваме со секого“, додаде тој.

Трапановски е надвор од терените откако имаше операција на коленото на 1 април оваа година. Рехабилитацијата се одвива одлично, тој е многу блиску до целосно враќање на терените и работи со јасна цел да се врати уште посилен.