Помалку странци, поголема драма: МЗТ со „нов тим“ тргнува по тронот во 35. сезона од елитата!
Овој воведен натпревар доаѓа само шест дена по нивната возбудлива пресметка во рамките на Суперкупот одигран во Куманово, каде што скопскиот состав во исклучително драматична завршница славеше со 70:68 и го подигна првиот трофеј за оваа натпреварувачка година. Екипата на МЗТ Скопје, која со години наназад доминира и освојува сè што може да се освои на домашната сцена, во новата кампања влегува како главен фаворит за титулата.
Бранителот на тронот, сепак, во текот на летниот период претрпе речиси целосна реконструкција на играчкиот кадар, задржувајќи само четворица кошаркари од минатата сезона. Од друга страна, кумановци на суперкуп-дуелот оставија одличен впечаток, покажувајќи дека имаат капацитет сериозно да му се спротивстават на шампионот, што е најава за исклучително интересен вечерашен натпревар.
Тренерите на суперлигашите најавуваат дека претстојниот шампионат би можел да биде еден од најизрамнетите во историјата на македонската кошарка. Дополнителна неизвесност носи и новата одлука на КФМ за намалување на дозволениот број на странски играчи на максимум тројца по екипа, потег кој има за цел да отвори поголем простор за развој и настап на домашните кошаркари. Во новата сезона, елитното друштво е скратено на вкупно десет екипи, па покрај МЗТ Скопје и Куманово, за престижниот пехар ќе се борат и КК Скопје (поранешно Маџари), Пелистер, ТФТ, Кожув, Тиквеш, Работнички, Струмица и Штип.
Системот на натпреварување предвидува првата фаза да се одигра во 18 кола, по што шесте најдобро пласирани екипи ќе го продолжат патот кон титулата во плејофот, при што првите четири екипи директно обезбедуваат место во полуфиналето. Тимовите кои ќе завршат од седмото до десеттото место ќе водат битка за прволигашки опстанок преку плеј-аут разигрувањето.
Иако ова е 35. издание на Суперлигата, досега се доделени вкупно 33 шампионски трофеи, бидејќи во сезоната 2019/20 првенството не доби шампион поради пандемијата со коронавирусот. На вечната листа најуспешен е тимот на Работнички со 15 титули, пред МЗТ Скопје кој има 13, Тиквеш (како Фени Индустри) со три, додека Николферт и Струмица имаат по еден шампионски пехар.