Одбојкарите први попуштија - Русите се враќаат
Административниот совет на ЦЕВ, на конгресот во Милано, ја разгледал одлуката на Светската одбојкарска федерација (FIVB) за враќање на руските репрезентации и потврдил дека таа се однесува и на европските натпреварувања за национални тимови. Конкретните услови и процедурите за нивното учество допрва треба да бидат утврдени.
Одлуката се однесува и на одбојката во сала и на одбојката на песок, а руските селекции би требало да можат да настапуваат на следните соодветни европски турнири. Претседателот на Руската одбојкарска федерација, Станислав Шевченко, ја поздрави одлуката и порача дека федерацијата е подготвена за соработка со ЦЕВ околу условите за целосно враќање на репрезентациите на меѓународната сцена.
Во исто време, следното големо прашање е враќањето на руските клубови во европските клупски натпреварувања. Од руската федерација очекуваат ЦЕВ наскоро да разјасни кога и под кои услови клубовите би можеле повторно да настапуваат во европските купови. Како можна прва сезона се споменува 2027/28.
Важно е да се направи разлика меѓу репрезентациите и клубовите: ЦЕВ потврди враќање на националните селекции, но прашањето за клубовите сè уште не е дефинитивно решено. Претходно ЦЕВ соопшти дека враќањето на руските клубови во европските натпреварувања не било предмет на дискусија на Конгресот во Милано.
Светската одбојкарска организација (ФИВБ) уште во август потврди дека руските машки и женски репрезентации ќе играат во Лигата на нации во 2027 година, што претставува важен чекор во процесот на нивно враќање на светската сцена.