Се „тресе“ Островот поради Сити - вклучена и министерката за спорт

Голем потрес ја погоди англиската Премиер лига откако независна комисија го прогласи Манчестер Сити за виновен за сериозни прекршувања на финансиските правила во период од девет сезони, од 2009/10 до 2017/18 година.

Според заклучоците на комисијата, клубот користел фиктивни, односно „лажни“ комерцијални договори со дел од партнерите, со кои биле прикажувани повисоки приходи и пониски трошоци. Комисијата утврдила и дека Сити не соработувал целосно со истрагата на Премиер лигата.

„Станува збор за исклучително сериозни, значајни и долготрајни прекршувања на правилата“, стои во заклучокот на комисијата.

Случајот предизвика реакција и од британската министерка за спорт, Лиса Ненди. Таа порача дека одлуката е сериозна и дека јавноста очекува случајот да биде решен што е можно побрзо.

„Ова не предизвикува загриженост само кај навивачите на Манчестер Сити, туку и кај сите навивачи на Премиер лигата“, изјави Ненди, нагласувајќи дека мора да се зачуваат фер-плејот и интегритетот на натпреварувањето.

Од Манчестер Сити, сепак, ги отфрлаат наодите и најавија жалба. Клубот со години ги негира обвиненијата и останува на ставот дека не ги прекршил правилата.

„Клубот е невин во однос на обвиненијата на Премиер лигата“, порачаа од Манчестер Сити, најавувајќи дека ќе ги искористат сите достапни правни механизми.

Засега нема донесено конечна казна. Санкцијата ќе биде утврдена во одделна постапка, а можните мерки се движат од финансиска казна и одземање бодови, па сè до исфрлање од Премиер лигата. Манчестер Сити ќе има можност да ја обжали одлуката, па конечната разврска на случајот сè уште не е позната.