Европска треска во Битола: Червар дебитира, Пелистер домаќин на незгодни Шпанци!
Овој натпревар има посебно значење бидејќи ќе означи деби на меѓународната сцена за новиот тренер Лино Червар на клупата на пелистерци, откако претходно успешно го водеше тимот на три средби во регионалната лига и два домашни меча во Суперлигата. Искусниот хрватски стратег е свесен за тежината на натпреварот и за очекувањата на јавноста, но предупредува дека екипата мора да остане цврсто на земја пред пресметката со реномираниот шпански противник, и покрај предвидувањата на јавноста.
„Нè поставија како фаворити пред Гумерсбах и Логроњо Ла Риоха, а тоа е малку преамбициозно. Но, тоа за нас нема никакво значење. Мораме добро да се подготвиме. Многу го ценам шпанскиот ракомет. Ла Риоха е клуб против кој веќе сум играл и има голема традиција. Нè чека напорна работа; играчите мора да бидат подготвени, а и ние, со многу енергија и ментална сила“, изјави Червар во пресрет на европскиот испит.
Анализирајќи ја тактиката, трофејниот стручњак посебно ја апострофираше дефанзивата како апсолутен клуч за успех, потенцирајќи ја и непроценливата улога на домашната публика која традиционално создава пеколна и непријателска атмосфера за гостите во Битола.
„Посебно важна е нашата одбрана. Кога некој игра добра одбрана, тогаш има голема шанса да победи на натпреварот. Ова е наш прв натпревар оваа година во Европската лига, а луѓето очекуваат многу од нас. Многу сум задоволен од атмосферата меѓу играчите и очекувам многу публика. Навивачите се многу поврзани со нашиот клуб; ниту еден успех на Пелистер не би бил можен без публиката. Публиката е нашата сила, наш играч повеќе. Но, ние тоа мора да го оправдаме. Мора да покажеме енергија, желба за победа — тоа е исклучително важно. Страста за победа дава дополнителна сила. Затоа јас верувам во мојот тим, верувам во Пелистер, затоа сум тука“, дециден е тренерот на битолскиот состав.
Правдата на овој важен меѓународен дуел ќе ја делат норвешките арбитри Магнус Нигрен и Андреас Борге, додека функцијата делегат е доверена на Тихомир Касуниќ од Хрватска.