Проблем се 170 евра: АБА лигата пред згаснување?!
Доколку управата на лигата, на чело со Остоја Мијатовиќ, итно не најде решение за судењето на натпреварите од второто коло, под знак прашалник е ставена целата сезона, пишува „Спорт клуб“.
Единствената реална опција за спас на сезоната е раководството на АБА-лигата да ја зголеми финансиската понуда за 63 судии кои со години судат во регионалното натпреварување, а повеќето од нив се делегирани и во Евролигата и Еврокупот. Се смета дека во толку краток рок речиси е невозможно да се најдат нови судии кои би можеле да ги заменат.
Првото коло од натпреварувањето веќе е одложено. Доколку истото се случи и со второто, на АБА-лигата ѝ се заканува прекин, а со тоа и можни тужби за надомест на штета. Такви тужби би можеле да поднесат новите клубови како Дубаи, Слован од Братислава, Виена и Клуж. Бидејќи АБА-лигата е регистрирана како јавно трговско друштво (ј.т.д.), сите клубови-сопственици за евентуалните правни и материјални последици одговараат со сопствениот имот.
Предуслов за продолжување на сезоната е договор меѓу управата на АБА-лигата и судиите, кои ги застапува адвокатот Даниел Папак. Според неофицијални информации, лигата нуди 630 евра по натпревар, додека судиите бараат 800 евра.
Решението би можело да се најде во компромисен износ од 700 евра по натпревар. Таквиот договор би ги зголемил вкупните трошоци за првата фаза од натпреварувањето за помалку од 40.000 евра, а во моментов тоа се смета за единствениот начин лигата да започне и да се избегне целосен колапс.