Македонија ја реши Хрватска и го освои второто место на турнирот во Охрид

Македонската женска ракометна репрезентација славеше со 25-22 против Хрватска во третиот меч од „Трофеј Македонија“, а со тоа го освои второто место на турнирот во Охрид.

Нашите ракометарки имаа подобар почеток на мечот и предност од 5-1, по што Хрватска мораше да бара тајм-аут. Сепак, не се промени драстично ситуацијата на паркетот затоа што Македонија продолжи да ја контролира играта и го доби првото полувреме со 14-9.

Хрватска почна да се буди во вториот дел и стигна до израмнување од 19-19. Сепак, во драматична завршница, Македонија успеа да остане смирена и да ја запише втората победа на турнирот.

Македонија со оваа победа го освои второто место на турнирот во Охрид, додека Сара Ристовска беше најдобар стрелец на „Трофеј Македонија“ со 22 погодоци.

Фото: РФМ