Икарди доби неверојатна забрана – до 2099 година

Мау̀ро Икарди се најде во необична ситуација во родната Аргентина, откако надлежните власти му ја суспендираа возачката дозвола, а во регистарот забраната е заведена до неверојатната 2099 година. 

Причината е видео објавено на социјалните мрежи на кое Икарди управува автомобил, додека неговата партнерка Чина Суарез се наоѓа на совозачкото место без сигурносен појас и се наведнува низ прозорецот. При проверката било утврдено и дека аргентинската возачка дозвола на фудбалерот е истечена уште од мај 2019 година.

Иако на прв поглед изгледа како Икарди да добил забрана до крајот на векот, станува збор за административна ознака во регистарот. Таа останува активна додека фудбалерот не ги исполни условите за повторно стекнување право на управување возило. За да може повторно да вози во Аргентина, Икарди ќе треба да помине и психолошка проценка.

Аргентинскиот напаѓач реагираше преку социјалните мрежи, прашувајќи како може да биде засегната неговата италијанска возачка дозвола, која според него важи до 2029 година. Тој воедно упати критики кон Министерството за транспорт на Аргентина. Икарди летово го напушти Галатасарај по истекот на договорот и во моментов е без клуб. Неговиот статус на слободен играч привлече интерес од повеќе клубови, но засега нема официјална потврда за неговиот следен ангажман.