Војната се разгоре: Реал Мадрид бара оставка од претседателот на Ла Лига!

Шпанскиот гигант Реал Мадрид објави официјално соопштение по изјавата на претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас дека „кралевите“ живеат во друга галаксија и бараат алиби за лошите игри.

„Кралскиот клуб“ смета дека последната изјава на Тебас е сериозна и не му доликува на шеф на шпанскиот фудбал, па поради тоа побараа негова оставка.

Реал Мадрид смета дека шпанското професионално фудбалско натпреварување итно треба да најде лидер способен за управување со лигата, кој ќе биде неутрален и нема да зазема страни како Тебас.

„Нашиот клуб смета дека е неприфатливо претседателот на Ла Лига да ја користи својата институционална позиција за да продолжи со дискредитирање и напаѓање на Реал Мадрид, на начинот на кој тоа го прави при секое свое јавно појавување. Особено загрижува фактот што човекот кој е одговорен за застапување и заштита на интересите на сите клубови во Ла Лига останува опсесивно фокусиран на Реал Мадрид, претворајќи го нашиот клуб во постојана мета на неговите јавни напади“, велат од гигантот.