Сензационална закана од Реал Мадрид – можно е да ја напуштат Ла Лига!?

Вчерашното мадридско градско дерби во кое Атлетико го совлада Реал (2-1) предизвика тензии кои достигнаа историски максимум, откако официјалниот клупски канал „Реал Мадрид ТВ“ веднаш по поразот емитуваше вонредна и исклучително остра анализа за судењето која ја крена цела Шпанија на нозе.

Во оваа емисија, меѓу другото, беше отворена и опцијата за евентуално напуштање на шпанското првенство. Ударните пораки од телевизијата на актуелниот европски шампион беа директно насочени кон главниот судија Ортиз Ариас, претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас и целата судиска организација. Раководството на Реал смета дека натпреварот бил целосно нерегуларен и дека Атлетико морал да го заврши мечот со дури деветмина играчи на теренот поради неказнети стартови.

Посебен акцент беше ставен на наводните двојни аршини и отворените обвинувања дека на Реал свесно не му се дозволува рамноправно да се бори за титулата.

„Сè ова е одвратно. Сигурен сум дека многу навивачи на Реал Мадрид сакаат да станат и да го напуштат ова натпреварување. Ова ве тера да посакате да ја напуштите Ла Лига. Завртките се дополнително затегнати, а првенството под водство на Тебас тоне во ѓубре. Оваа сезона е капката што ја прели чашата“, грмеа водителите и аналитичарите на клупската телевизија.

Револтот на мадриѓаните е дополнително поттикнат од наводната наклонетост на судиите кон нивниот најголем ривал, како и општото влијание на арбитрите врз конечниот резултат.

„Ортиз Ариас пред неколку недели им се додворуваше на играчите на Барселона, а сега се случи ова. Повеќе нема смисла да се води каква било фудбалска дебата бидејќи судењето целосно го услови и го уништи натпреварот“, порачаа од Мадрид.

Додека шпанските медиуми брујат за незапаметениот притисок кој Реал го врши врз арбитрите по секој неуспех, веќе пристигнаа и првите одговори од таборот на градскиот ривал. Тренерот Диего Симеоне веднаш реагираше на бурните изјави кои доаѓаат од стадионот „Сантијаго Бернабеу“, што е јасен знак дека војната со соопштенија и телевизиски анализи во Шпанија штотуку започнува.