Меси дава голови и кога не сака: Четврто реми по ред за Интер Мајами (ВИДЕО)

Екипата на Интер Мајами дојде до четвртото реми по ред во МЛС лигата, откако на домашен терен ги подели бодовите со Сан Диего (2-2).

Лионел Меси повторно беше еден од најзабележителните поединци на теренот, но тимот предводен од тренерот Кили Гонзалес не успеа да ја прекине серијата на нерешени резултати. Гостите од Сан Диего подобро го отворија натпреварот и стигнаа до водство уште во 12. минута. Нивниот најдобар играч, Андер Дрејер, искористи голема грешка во домашната одбрана, им побегна на своите чувари и без поголеми проблеми ја затресе мрежата. Одговорот на Интер Мајами стигна девет минути подоцна преку Лионел Меси, кој го врати својот тим во игра на необичен начин. Аргентинецот изведе слободен удар и упати многу прецизен центаршут, но откако ниту еден од неговите соиграчи не стигна до топката, таа заврши директно во голот. Со тоа Меси се запиша во листата на стрелците, иако при изведувањето на прекинот очигледно немаше намера да шутира директно.

Во продолжението од натпреварот, домашните фудбалери имаа проблеми да создадат поконкретни прилики, но сепак успеаја да направат целосен пресврт во 75. минута. Родриго де Пол одлично ја протна топката меѓу тројца противнички играчи и го пронајде Луис Суарез, кој со силен удар од прва погоди за водство од 2-1. Сепак, тимот од Флорида не успеа да ја сочува предноста бидејќи Дрејер повторно искористи лоша реакција на одбраната, уште еднаш им избега на чуварите и без многу мака го постигна својот втор гол за конечни 2-2.

Сан Диего сега е на десеттото место во Западната конференција со 31 бод, само еден помалку од Портланд кој ја држи деветтата позиција и последното место кое води во плејофот. Интер Мајами се наоѓа на третото место на Истокот со 46 бодови. За Лионел Меси ова беше 20. гол на 23 одиграни натпревари во МЛС лигата оваа сезона, а покрај тоа има забележано и 12 асистенции.