Историски дуел: Вардар бара излез од кризата, Шкендија (А) брка петта победа по ред!

Актуелниот фудбалски шампион Вардар вечерва на стадионот при комплексот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја пречекува екипата на Шкендија Арачиново (20 часот) во натпревар од осмото коло на Првата лига, што ќе биде прва пресметка на овие два тима во елитата.

Избраниците на новиот тренер, Миодраг Божовиќ-Гроф, не ја започнаа новата сезона според очекувањата, а во претходното коло одиграа ремизираа на гостувањето против Башкими (3-3). Фокусот е целосно свртен кон враќање на победничките патеки и тоа против најпријатното изненадување во досегашниот тек од првенството. Арачиновци во моментов се наоѓаат на четвртата позиција на табелата, со два бода предност во однос на актуелниот првак.

„Вардар е актуелен шампион и ние секогаш размислуваме само за победа. Така е и во пресрет на вечерашниот меч против Шкендија Арачиново. Тие се во одличен ритам и нанижаа неколку победи, а тоа е уште еден мотив повеќе за нас да бидеме максимално подготвени и да пристапиме кон овој дуел со должно внимание. Подготвени сме за надигрување и ги посакуваме трите бода“, изјави фудбалерот на Вардар, Михаил Маневски.

Гостите во овој дуел влегуваат со максимален оптимизам, понесени од одличната серија од четири последователни победи во сите натпреварувања. По домашниот пораз од Арсими (0-2), Шкендија славеше на тешките гостувања кај Башкими (2-1), Брегалница (1-0) и Детонит Плачковица (3-1 во Купот на Македонија), додека во минатото коло пред домашната публика ја совлада екипата на Скопје (1-0).

„Ова е меч како и секој друг и носи исти вредни три бода. Се наоѓаме во одлична форма со четири победи по ред во Првата Лига и Купот. Го почитуваме противникот сè до почетокот на натпреварот, но на теренот влегуваме без никаков респект, одиме исклучиво на победа за да ја продолжиме позитивната серија и да ги израдуваме нашите верни навивачи“, порача капитенот на гостинскиот состав, Бесир Демири.

Правдата на оваа средба ќе ја дели судијата Доне Ристовски.