Миленкоски со анализа по ЕП: Имам само пофални зборови за одбојкарите!
Миленкоски даде завршна анализа на учеството на македонската одбојкарска репрезентација на уште едно големо натпреварување.
„Македонската одбојкарска репрезентација го заврши своето учество на уште едно, четвртото по ред Европско првенство. Самиот факт што повторно беше во друштво со дел од најдобрите европски и светски репрезентации може да се каже дека е една голема сатисфакција особено за вложениот труд, напорните подготовки, претходно постигнатите резултати и неспорниот квалитет. Трите големи фаворити во групата – Полска, Бугарија и Украина веројатно ќе беа први во било која група и да играа на ова ЕП, сигурно тоа ќе го потврдат и со резултатите во понатамошните натпревари на континенталниот собир. Фактот дека во овие селекции играат голем дел најдобрите светски одбојкари и даваше уште поголема тежина на групата. Со своите игри тие го потврдија и квалитетот и голем потенцијал кој го поседуваат. Од друга страна Португалија, особено Израел се исто репрезентации од европска класа, честопати учесници во самите завршници од Златната Европска лига. Тоа се факти кои неспорно покажуваат дека Македонија играше во најтешката група на ЕП, но без оглед на тоа во било која група и да бевме, пласманот можеби ќе беше ист. Сепак ова е ЕП и тоа е собир на најдобрите од светот на одбојката. Самиот факт дека осум екипи од 16 до 24 место се со ист број на победи и ист или помал број на поени од Македонија може да биде голема сатисфакција и задоволство. Сепак исто или подобро постигнување од Холандија, Израел, Шведска, Словачка, Швајцарија, Турција… би требало да го окарактеризира нашиот настап како објективно постигнување. За сево ова зборуваат фактите, бројките, статистиката и табелата“, кажа Миленкоски.
Миленкоски ги посочи и проблемите со кои се соочувале на натпреварите на ЕП, но притоа имаше само пофални зборови за одбојкарите на Македонија.
„Што се однесува до случувањата на самиот терен видео анализите покажаа дека имаше и добри и лоши моменти во текот на натпреварите. Во некои фази од играта и во одредени елементи бевме рамноправни со противниците, додека во некои елементи како сервисот и приемот – инфериорни, особено со трите најдобри репрезентации во групата. Сервисот на оние играчи од топ-класа, сервис од 125-130 километри на час ни претставуваа голем проблем. Тоа е силина на сервис која ниту машините за сервис кои ги користиме на тренинг не ја достигнуваат. Нашите примачи и либерата играат во националното првенство каде што ни приближно нема такви сервиси и беа ставени во навистина тешка ситуација. Но реалноста е дека и во меѓусебните дуели на овие репрезентации бевме сведоци на многу поени од ас сервиси и тоа е еден нов тренд во одбојката кој мора и ние да го следиме. Се друго беше во рамките на очекувањата и реалните можности на нашите репрезентативци. Можам да искажам само пофални зборови за односот, залагањето, желбата, мотивацијата и одговорноста која ја покажаа кон националниот дрес. Зборувам од името на комплетниот стручен штаб дека сме благодарни за се што е постигнато во изминатиот период. А постигнато е многу – четврто Европско првенство во низа и континуирано учество низ годините во Европската лига, за една релативно мала Федерација и репрезентација. Гледано од оваа перспектива можеби можело и повеќе, но од друга перспектива, по некое време мислам дека ќе почувствуваме што значело и самото учество на вакви големи манифестации“, посочи Миленкоски.
Фото: Одбојкарска федерација на Македонија