„Не се лутам кога човек кој платил билет за да ме гледа потоа ме нарече - црнец!“

Мегаѕвездата на Барселона и шпанскиот национален тим, Ламин Јамал, во изјава за „Мундо Депортиво“ отворено проговори за проблемот со расизмот во Шпанија.

Младиот фудбалер откри дека многупати во животот се соочил со расистички испади, но истакна дека не дозволува ваквите ситуации да му остават посебен впечаток или да го испровоцираат. Тој посочи дека луѓето често индиректно и несвесно манифестираат расистичко однесување преку секојдневни коментари и погледи. Осврнувајќи се на неодамнешниот инцидент на стадионот „Сантијаго Бернабеу“, каде што тој и неговиот соиграч Рафиња беа мета на жестоки навреди од страна на домашните навивачи, талентираниот играч објасни зошто останал смирен и не реагирал бурно.

„Да, илјадници пати сум се соочил. Луѓето индиректно се расистички настроени кон вас, понекогаш дури и не го сфаќаат тоа. Има многу коментари, погледи, ситуации кои се расистички, иако луѓето не го сфаќаат тоа. Израснав во средина каде што тоа не се смета за сосема нормално, но во исто време не ме нервира. На пример, она видео од 'Бернабеу', каде што ми извикуваа секакви работи мене и на Рафиња, и луѓето беа изненадени од мојата реакција. На крајот на краиштата, ако тој човек ме нарече црнец, тоа воопшто не ме вознемирува. Јас сум црн, не сум од друга боја. Дали е правилно или погрешно е друго прашање, бидејќи тој го кажува тоа на омаловажувачки начин. Погрешно е, но нема да му се налутам на некој кој платил билет за да ме гледа, а потоа не покажува почит“, изјави Јамал.