Ултрасите на ПСЖ в недела нема да смеат да бидат во Марсеј
Одлуката е донесена со цел да се спречат можни инциденти пред и за време на натпреварот од петтото коло во Лига 1, кој се игра од 20:45 часот.
Министерството за внатрешни работи официјално објави дека е забрането патувањето на навивачите на ПСЖ, со цел да се спречи нарушување на јавниот ред и мир. Забраната ќе биде во сила во текот на целата недела и се однесува на сите лица кои се однесуваат како навивачи на Пари Сен Жермен или може да бидат идентификувани како такви.
На овие лица им е забранет пристапот до градот Марсеј и поширокиот околен регион. Оваа одлука се надоврзува на наредбата што пред десет дена ја издаде заменик-началникот на полицијата во департманот Буш-д-Рон. Со таа наредба на навивачите на ПСЖ им беше забранет пристап до стадионот „Велодром“ и движењето по улиците на градот.
Ривалството меѓу навивачите на Марсеј и ПСЖ е едно од најголемите во Франција, а нивните меѓусебни натпревари редовно се прогласуваат за натпревари од висок ризик. Статистичките податоци покажуваат дека токму овие две навивачки групи најчесто се поврзуваат со нереди, додека нивното долгогодишно непријателство во минатото често доведувало до сериозни конфликти.