Барса беше на чекор од нов спонзорски договор, но на крајот сè пропаднало поради Фиго

Барселона бара нов финансиски спонзор откако пред повеќе од една година истече договорот со „CaixaBank“, а една од сериозните опции во последните месеци беше „Revolut“.

Сепак преговорите со оваа компанија пропаднале поради Луис Фиго. Каталонскиот клуб сериозно размислувал дигиталната банка да стане еден од неговите спонзори, но на крајот се откажал поради маркетинг кампања во која едно од заштитните лица е токму поранешниот португалски фудбалер.

Причината е добро позната на секој кој ја следи историјата на Барселона. Фиго во 2000 година направи еден од најконтроверзните трансфери во историјата на фудбалот, кога директно од Барселона премина во Реал Мадрид.

Португалецот дотогаш беше една од најголемите ѕвезди на Барса, а неговото заминување во најголемиот ривал предизвика огромен гнев кај навивачите, кој не стивна целосно ниту повеќе од четвртина век подоцна.

Оваа компанија сега го ангажираше Фиго за нова рекламна кампања и според информациите Португалецот во некои од рекламите дури и алудира на својот трансфер во Мадрид, па така едонставно соработката не била возможна.