Немало ниту една судиска грешка на средбите од 7. коло во Првата лига!
Од Куќата на фудбалот велат дека овој беспрекорен учинок на арбитрите е во согласност со нивната определба за одржување и унапредување на нивото на судењето во домашниот шампионат. По комплетирањето на рундата во елитното домашно натпреварување, надлежните органи изразија огромно задоволство од сработеното на терените.
„По извршената анализа од сите натпревари, вклучително и последно одиграниот првенствен натпревар од ова коло од Првата МФЛ, Судискиот одбор изразува задоволство од судиските перформанси и конзистентност во интерпретацијата на Правилата на фудбалската игра. За време на претстојната пауза во првенството заради одигрувањето на репрезентативните натпревари на А селекцијата, Судискиот одбор ќе продолжи со стручна анализа и со давање дополнителни технички инструкции на судиите, со посебен акцент на унифицираната примена на Правилата на игра и дисциплинските критериуми“, информираа од ФФМ по завршувањето на натпреварите.