Згаснаа сите надежи на Македонија за пласман во осминафиналето
Подобра од нашата селекција беше Португалија која не совлада со 3-0 (25-13, 26-20, 25-20) и остана во игра за место меѓу најдобрите 16 на шампионатот. За Македонија останува уште дуелот со Израел, но секако не може да стигне до топ-4 во својата група.
Португалците го диктираа темпото во најголемиот дел од натпреварот, со исклучок на првата половина од вториот и третиот сет. Првиот го отворија со 3-0, Македонија потоа стигна на 6-6, но противникот направи серија од 9-2, па до крајот само ја дотолчи нашата репрезентација. Вториот сет беше израмнет до 16-16 и повторно дојдоа до голем пад во нашата селекција. Португалците направија серија од 4-0 и потоа успеаја да ја сочуваат предност за водство од 2-0 во сетови.
Својата шанса за драма и евентуален пресврт, македонските одбојкари ја испуштија во третиот сет во кој водеа и со три разлика во повеќе наврати. Сепак, Португалците успеаја да се вратат, прво да израмнат на 10-10, а потоа и да направат предност од четири разлика.
Својот последен натпревар на Европското првенство, Македонија го игра утре од 15 часот, но тој меч има значење само за нашиот противник Израел.