Поразите да ги заборавиме: Пред Македонија денеска е најважниот натпревар на ЕП!
Од 15:00 часот во Софија, Македонија ќе ги одмери силите со Португалија, репрезентација која исто така досега претрпе три порази и токму Португалците се наши конкуренти за место во следната фаза и како решавачки може да се покаже секој сет или поен.
Традицијата е на страната на Португалците бидејќи досега славеле на сите три меѓусебни пресметки. Двапати загубивме во квалификациите за Европското првенство во 2010 година и еднаш во квалификациите за Светското првенство четири години подоцна.
Но, работите од тогаш значително се променети, Македонија веќе влезе во серија од четири последователни настапи на Европско првенство и нашиот квалитет е на повисоко ниво, па поради тоа тие бројки не треба да бидат притисок.
Добра вест за нас е и што капитенот Никола Ѓорѓиев кој поради повреда го пропушти натпреварот со Полска потврди дека е подготвен за настап.
По овој дуел одбојкарите ги чека и уште една пресметка во оваа фаза против селекцијата на Израел.