„Фотошоп од пеколот“: Навивачите згрозени од лудиот дрес на Баерн за Октоберфест (ФОТО)

Фудбалерите на Баерн Минхен в петок ќе го пречекаат составот на Унион Берлин во натпревар од четвртото коло на германската Бундеслига, а за овој дуел ќе облечат специјална гарнитура на дресови дизајнирана по повод Октоберфест.

Натпреварот ќе биде одбележан со изразито шарениот и невообичаен дизајн на баварскиот гигант, кој ветува впечатлив визуелен впечаток на теренот. Клубот го претстави новиот дрес објаснувајќи дека цветниот дизајн ги интерпретира традиционалните мотиви на еден нов, модерен начин, со цел да се долови уникатната атмосфера на најпознатиот пивски фестивал.

„Дресот ја спојува минхенската традиција со модерен, одважен дизајн и слави сè она што го прави Октоберфест посебен: радоста на живеењето, заедништвото и различноста. Различните бои ги претставуваат бројните аспекти на Октоберфест – шаренилото, живоста и различноста – и ја доловуваат уникатната атмосфера која секоја година за време на сезоната на Октоберфест владее во Минхен“, стои во официјалното соопштение на клубот.

И покрај ваквото објаснување од раководството, навивачите воопшто не се импресионирани. На социјалните мрежи, особено на официјалниот Инстаграм профил на Баерн, преовладуваат лавина негативни реакции. Дел од фановите оставија жестоки коментари, меѓу кои се истакнуваат: „Дајте му отказ на дизајнерот“, „Со должна почит, што е ова?“, „Фотошоп од пеколот“, како и комичниот осврт: „Вака ти изгледа маицата кога ќе испиеш 18 литри пиво“.

Баерн нема да има многу прилики за носење на оваа гарнитура, бидејќи по средбата со Унион Берлин следува репрезентативна пауза, а следниот првенствен предизвик е дури на 10 октомври против Аугсбург.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by FC Bayern (@fcbayern)