Изненадувачки: Кошаркарскиот вицешампион го откажа настапот во АБА2!
Повлекувањето на македонскиот претставник предизвика реакција од Собранието на регионалното натпреварување, кое на 10 септември донесе одлука дека испразнетото место нема да биде пополнето со нов клуб, туку лигата ќе продолжи со преостанатите екипи со задржување на постоечкиот систем во најголема можна мера.
Сите натпревари кои КК Скопје требаше да ги одигра според утврдениот распоред се откажани и нема да бидат регистрирани со службен резултат, што значи дека нивните противници немаат обврска за играње во тие термини. Натпреварувањето во Групата А ќе продолжи со преостанатите три клуба, кои ќе одиграат по четири натпревари според двокружен систем. Првопласираниот тим од оваа група ќе обезбеди директен пласман во четвртфиналето, додека второпласираниот и третопласираниот ќе играат во плеј-ин фазата.
За да се обезбедат еднакви критериуми при споредба на резултатите на клубовите од различни групи за понатамошниот тек на натпреварувањето, раководството воведе специфичен систем на пресметување.
„За потребите на сите одредби од интерните акти со кои се споредуваат резултатите на клубовите од различни групи, ќе се земаат предвид само резултатите остварени во четири натпревари од групната фаза. За клубовите од групите Ц и Д нема да се земаат предвид резултатите против последнопласираниот тим од нивната група, додека за клубовите од групата Б нема да се земаат предвид резултатите одиграни против четвртопласираниот и петтопласираниот клуб“, стои во соопштението од Собранието на АБА лигата.