Жестоки критики за Сабаленка: Треба да бидеш достоинствена и кога губиш

Арина Сабаленка се најде под жесток притисок поради однесувањето во финалето на УС Опен, во кое Белорусинката загуби од Елена Рибакина со 1-2 во сетови (6-4, 5-7, 6-2). Со победата Рибакина стигна до трофејот во Њујорк, но и до првото место на ВТА-листата.

Сабаленка тешко го поднесе поразот. По завршувањето на мечот таа го скрши рекетот од подот, а потоа бурно реагираше и кон камерманот кој ѝ се приближи.

Нејзиното однесување предизвика бројни реакции, а особено остар беше францускиот тениски новинар и водител Беноа Мејлин. Тој ја критикуваше Сабаленка за начинот на кој се однесувала по поразот.

„Лесно е да се прави шоу кога победуваш, но многу потешко е да се биде достоинствен во пораз“, порача Мејлин, оценувајќи дека реакцијата на Белорусинката не била соодветна за моментот.

Сабаленка, пак, објасни дека со реакцијата сакала да ја исфрли насобраната фрустрација и разочарување по загубеното финале. Таа се надеваше на трета последователна титула на УС Опен, но наместо тоа остана без трофејот, додека Рибакина ја комплетираше големата двојна победа – Грен слем титула и прво место на светската ранг-листа.

За Сабаленка ова беше уште еден тежок пораз во финале, а нејзината реакција по мечот отвори нова дебата за однесувањето на врвните спортисти во моменти на големо разочарување.