Македонија пред нов голем предизвик на ЕП - дуел со актуелниот европски шампион

Македонската одбојкарска репрезентација денеска ја очекува еден од најтешките предизвици на Европското првенство. Избраниците на Јошко Миленковски ќе се соочат со Полска, актуелен европски шампион и една од најквалитетните репрезентации на турнирот.

Натпреварот е закажан за 18 часот, а Полска во него влегува како голем фаворит. Полјаците го почнаа турнирот со убедлива победа над Португалија, а нивната цел е да продолжат со максимален ефект во групата Б.

За Македонија, пак, дуелот доаѓа во тешка ситуација. Нашата репрезентација на стартот на шампионатот загуби од домаќинот Бугарија со 0-3, а потоа претрпе уште еден пораз од Украина без освоен сет. Македонија и Полска добро се познаваат од претходните европски првенства. Последната пресметка на ЕП беше во 2023 година, кога Полјаците славеа со 3-0.

Сепак, македонските одбојкари немаат што да загубат на овој меч, а ќе имаат мотив да покажат дека можат да се надигруваат со една од најдобрите селекции во Европа. За нашата репрезентација секој освоен сет, а особено позитивен резултат против големиот фаворит, би бил огромен успех. Полска, од друга страна, овој натпревар го гледа како уште еден чекор кон освојување на првото место во групата и продолжување на патот кон одбраната на европската титула.