На Формула 1 уште не ѝ се враќа на Блискиот Исток
Извршниот директор на Формула 1, Стефано Доменикали, уште во јули најави дека одлуката ќе биде донесена до средината на септември. Сепак, според последните информации, сè поизвесно е дека рокот повторно ќе биде поместен, овојпат за октомври.
Двете трки на Блискиот Исток првично требаше да се одржат порано во сезоната, но беа одложени поради нестабилната безбедносна ситуација во регионот. Иако аеродромите во Доха и Абу Даби во моментов се отворени за меѓународен сообраќај, организацијата на трките останува сериозен предизвик. Целокупната потребна опрема би морала да биде транспортирана по воздушен пат, бидејќи не може да се користи поморската рута преку Ормускиот теснец.
Дополнителна загриженост предизвикува и фактот што и Катар и Обединетите Арапски Емирати на своја територија имаат американски воени бази, поради што се потенцијални цели на ракетни и дронски напади од Иран. Поради безбедносните ризици, голем дел од тимовите очекуваат дека трките во Катар и Абу Даби на крајот би можеле да бидат преместени на друга локација.
Како најсериозен кандидат за последната трка во сезоната во моментов се споменува италијанската Имола. Така, наместо да добие конечен одговор во септември, Формула 1 најверојатно ќе мора да почека до октомври за да стане јасно дали шампионатот ќе заврши на Блискиот Исток или сезоната ќе биде затворена на европско тло.