Шпанија и Мароко заедно ќе органираат Мундијал, а веќе влегоа во „војна“ за финалето

ФИФА ги демантираше информациите дека Мароко веќе добил организација на финалето на Светското првенство во 2030 година, со што повторно се отвори големата битка меѓу Шпанците и Мароканците за најважниот натпревар на турнирот.

Мундијалот во 2030 година ќе го организираат Шпанија, Португалија и Мароко, но сè уште нема конечна одлука каде ќе се одигра финалето.

Шпанија досега важеше за фаворит за домаќин на завршниот натпревар. Во игра е стадионот „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид, а како можна опција се споменува и реновираниот „Камп Ноу“ во Барселона. Од друга страна, Мароко во последниот период води сериозна дипломатска и спортска офанзива за да го добие финалето. Според информациите што се појавуваат во медиумите, мароканската страна дури лобира и преку американскиот претседател Доналд Трамп.

Се појавија и шпекулации дека претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, наводно ветил финале на Мароко доколку добие поддршка за нов мандат, но за ваквите тврдења нема официјална потврда. Мароканците вчера отидоа чекор подалеку и јавно соопштија дека веќе го добиле финалето.

„Градот Бенслиман ќе биде домаќин на финалето на Светското првенство. Може да ви се допаѓа или да не ви се допаѓа, а ако некој сака да зборува за тоа, нека зборува. Градот Бенслиман, стадионот Хасан II и се надевам дека Мароко ќе игра во тоа финале“, изјави претседателот на Фудбалскиот сојуз на Мароко, Фузи Лакја.

Сепак, ФИФА веднаш стави до знаење дека конечната одлука не е донесена. Портпаролот на светската фудбалска организација порача дека „одлуката ќе биде донесена наскоро“. Мароко во меѓувреме го подготвува спектакуларниот стадион „Хасан II“ во близина на Казабланка. Објектот сè уште е во изградба, а кога ќе биде завршен, треба да има капацитет од околу 115.000 гледачи и да стане најголемиот стадион во светот.

Така, битката за финалето на Мундијалот 2030 продолжува. Шпанија не се откажува од својата кандидатура, додека Мароко има амбициозен проект и огромен стадион во изградба.