Феенорд жестоко казни 47 хулигани, доживотно ги исфрли од стадионот
Инцидентот се случи на 23 август, за време на првенствениот натпревар меѓу Камбур и Феенорд во Леуварден, кога од секторот во кој биле сместени гостинските навивачи беше активирана голема количина пиротехника. Бакљи и други пиротехнички средства завршуваа на теренот, но и на делот од трибините каде што биле сместени домашните навивачи.
Во инцидентот биле повредени седум навивачи на Камбур, а меѓу повредите имало изгореници, проблеми со слухот и повреди на очите. Едно пиротехничко средство поминало и многу блиску до голманот на Феенорд, Тјарко Ернст. Поради случувањата, натпреварот беше прекинат околу 12 минути, но подоцна продолжи.
Феенорд веднаш започнал детална истрага, при што беа анализирани голем број снимки од стадионот. По неколку недели работа, клубот идентификувал 47 лица кои ги смета за одговорни за различни улоги во инцидентот.
Казнети не биле само оние за кои било утврдено дека палеле или фрлале пиротехника. Меѓу санкционираните се и лица кои, според клубот, ја координирале акцијата, држеле големи знамиња за да ги сокријат сторителите од камерите или се криеле под нив. Казнети се и поединци кои се обидувале да ја избегнат идентификацијата.
Сите 47 лица веднаш добиле локална забрана за влез на „Де Кајп“, а нивните билети за гостински натпревари ќе бидат блокирани. Нивните имиња се проследени и до Фудбалскиот сојуз на Холандија кој ќе одлучува за забрана за влез на стадионите ширум земјата.
Сепак, тука случајот можеби нема да заврши. Феенорд соопшти дека не е исклучена ниту можноста за кривична постапка.